Поп Ацев победи на третиот велешки пливачки маратон
Tретиот велешки пливачки маратон ја доби својата завршница. 2.5, 5 и 10 километри беа трите дисциплини во кои силите ги одмерија 50 пливачи, професионалци и рекреативци. Нив ги поддржаа огромен број на граѓани како од градот така и од целата држава.
Најдолгата трка во 10 километри прв ја заврши Евгени Поп Ацев пливајќи 2 часа 15 минути и 29 секунди пред поставената цел. Кај жените прва исплива Евита Насевска со време од 3 часа 11 минути и 59 секунди.
Бранимир Ивановски беше маратонецот кој прв ги испливаа петте километри. Во женска конкуреција најдобра беше Миа Крстевска.
Кај аматерите во машка конкуренција на 2,5 километри победи Дарко Поп Ацев, а кај девојките Марија Ристовска. Кај пливачите на истата патека победи Тони Симовски, а кај жените Јана Костадиновска.
Организатори на пливачкиот маратон беа членовите на Здружението за спорт и рекреација „Клуб 28“ секако со поддршка на Општина Велес. Маратонот е веќе традиционална манифестација што е дел од Програмата за спорт на Општина Велес.
Зад техничката организација стои професионалниот тим на Пливачката федерација на Македонија. Но во организацијата на вака масовна спортска манифестација беа вклучени и Вардарскиот плански регион, ТППЕ, ЗГ „Вардарска регата“ и кајакарските клубови од Велес. За отоврен маратонот го прогласи градоначалникот Славчо Чадиев.
-„Секогаш со задоволство доаѓам на спортски натпревар, особено на манифестации каде што доминираат спортскиот дух и љубовта кон природата. Велешкиот пливачки маратон ги обединува во себе спортот, љубовта кон природата, но уште поважно го покажува на дело ентузијазмот на организаторот, ориетираноста на младите кон вистинските вредности и обезбедува директна комуникација меѓу нив.” – истакна во своето обраќање градоначалникот Чадиев.
Општина Велес како покровител на оваа манифестација дава максимална поддршка, се со единствена цел истата да прерасне во традиционална и да се одржува секоја година. Дополнително, тоа што Пливачкиот маратон се одржува на Езерото „Младост” оди и во прилог на промовирање на оваа локација во туристичко-рекреативна дестинација за вљубениците во сите спортови на вода но и за рекреативците и љубителите на природата.