Започна новата учебна година
Денес со првото училишно ѕвонче отпочна новата учебна 2016/17 година. Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев, во свое лично име, од име на Советот на Општина Велес и од името на сите граѓани на Велес, упати честитки за првиот училишен ден и на сите ученици им посака низа успеси во новата наставна година.
Оваа година според работната агенда, градоначалникот ги посети учениците од подрачното училиште на ООУ „Васил Главинов” во с. Сливник каде што се направи и свечено отварање на новиот објект од училишната зграда. Новиот објект опфаќа три училници заедно со придружните објекти. Учениците од ова населено место ја имаат можноста да учат во модернизирани и добро опремени простории. Посетата на градоначалникот по програмата која ја приредија првачињата, продолжи во училиштето во „Превалец“ кое е исто подрачно училиште на ООУ „Васил Главинов“.
На најмалите, на првачињата градоначалникот Чадиев им порача дека од денес училиштето е нивниот втор дом.
-„Вие драги ученици започнувате да чекорите по еден долг пат по кој ќе Ве водат наставниците и вработените во училиштето. Ние сме тука тоа чекорење кон вистинските вредности да Ви го олесниме, да го направиме што позабавно и поудобно. Слушајте ги родителите и наставниците и учете. Од денес Ваш најголем другар и пријател е книгата. Таа ќе Ви ги отвори сите врати кон иднината и напредокот.” – рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Општина Велес уште еднаш на сите ученици кои денес ја започнаа школската година им посакува успешен почеток на школувањето. Овие ученици нека бидат генерација која ќе донесе многу меѓународни и државни награди на училиштата, генерација со која ќе се гордеат родителите, училиштата и општината.