Врачена актерската награда за животно дело „Петре Прличко“

Со громогласен аплауз публиката во велешкиот театар го поздрави Кирил Гравчев овогодинешниот добитник на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2016 година. Наградата му ја врачи Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев. Кирил Гравчев на театарската сцена е од далечната 1970 година. Зад себе има незаборавни улоги како Кир Дима во претставата „Кир Јана“, Спиро во „Чорбаџи Теодос“, Таса во „Сомнително лице“, Степан во „Женидба“, Бопчински во „Ревизор“, Пројко во „Железно пиле“.

Бил дел и од актерската екипа во ТВ филмови како „Тетовирање“, „Големата вода“, „Преку езерото“, „Години на надеж“, „Прашина“. Во образложението на тричлената жири комисија стои дека богатиот дијапазон на ликови, топлината со која тој ги претставува на сцена и неговиот хумор кој стигнува до последниот гледач во секоја сала, го прават Кирил Гравчев да биде еден од амблемите на Велешкиот театар, кому му е доволно само да се појави на сцената и да ја освои публиката.