ВО 2016 ИНВЕСТИРАНИ 310 000 ЕВРА ВО ОБРАЗОВАНИЕТО
Образованието е темел на едно општество. Вложувањето во младите, значи вложување во иднината. Затоа Општина Велес работи неуморно на подобрување на условите во сите образовни институции.
Сакаме да ви ги посочиме најзначајните проекти кои ги изработи локалната самоуправа, самостојно или партнерски, на полето на образованието, само во изминатата година за кои е инвестирано околу 310 000 евра.
Во 2016 година ССОУ „Коле Неделковски“ доби нова фасада. Проект кој чинеше 2,8 милиони денари. Во спортската сала се постави нов систем за ладење и греење. Целокупниот зафат во кој беа вклучени и помали инвестиции изнесуваше скоро 1,6 милиони денари.
Целосно ново основно училиште изградивме во село Сливник. Околу 200 деца учат во современи училници, со нови клупи, столчиња, табли и друг вид на инвентар. Инвестицијата е во висина од 5,3 милиони денари.
Енергетската ефикасност во училишата е еден од приоритетите. Затоа освен фасади поставени се нови ПВЦ прозори во дел од училниците во ООУ Блаже Конески, проект за кој општината издвои 22 000 евра, а се набави и нов парен котел во ООУ „СВ. Кирил и Методиј“.
Започнаа активностите за промена на покривот на поранешното училиште ЈХК Џинот, објект во кој сега е сместен ресурсниот центар за лицата со оштетен вид, а во иднина се планира дел од него да биде адаптиран во уште еден клон на детските градинки. Вкупните финансиски средства за целиот проект се во висина од 2.5 милиони денари.
Освен училиштата не го забораваме и Ученичкиот дом Лазар Лазаревски каде престојуваат учениците од другите општини. Во изминиот период таму се реконстурирани терасите во спалните соби, а набавени се и нови душеци за сите легла.
Сакам да потенцирам дека во 2017 година за скоро 2 и пол пати го зголемивме буџетот за образование на Општина Велес. Тој е проектиран на 15 милиони денари. Од овие средства 6,6 милиони се наменети за инвестиции, а останатите за реализација на проекти и други активности во образовните институции. За споредба во 2016 буџетот на Општина Велес за образование изнесуваше 6,8 милиони денари.
Наскоро ќе започнеме со реконструкција на дел од училиштето во село Клуковец.
Дозволете да ве потсетам и дека претходно со помош на Министерството за образование се изврши целосна реконструкција на гимназијата Кочо Рацин и на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ За двата проекти вкупно беа издвоени 37,5 милиони денари.
Целосно е реконструирана котларата во ССОУ „Димитрија Чуповски“ и во гимназијата „Кочо Рацин“. Реновираниот топловоден систем овозможи подобри услови за настава на 1600 средношколци. Затолпувањето е еден од приоритети на локалната самоуправа, затоа се изврши и реконструкција на топловидните системи во ООУ „Васил Главинов”, ООУ „Благој Кирков”, ООУ „ЈХК Џинот“, ООУ „Блаже Конески” и ПОУ „Маца Овчарова“.
Во ООУ „Васил Главинов“ поставивме лифт и адаптиравме еден од тоалетите за лица со посебни потреби. Инвестицијата вреди над 35 000 евра.
Токму ова е начинот на кој ќе продолжиме и во иднина. Пред условите за настава, поквалитено образование и напредок на нашите деца, ние не правиме компромиси.