Велес град на Франкофонијата и пријателството
Денот на франкофонијата 20 Март, Велес го одбележува со заокружување на третата фаза од училишната размена со збратимениот град Шербур ан котантен во Нормандија, Република Франција. Една недела 38 ученици и 4 -ца професори од Франција имаа можност да ги градат врските помеѓу двата града преку заеднички програми во областа на металната индустрија,екологијата, економијата, професионалната ориентација литературата и културата.
Покрај културните знаменитости во Велес и ексклузивната можност за првпат да го видат ентериерот на новата црква „Св. Кирил и Методиј“, учениците од Шербур и нивните домаќини ги посетија Скопје, Охрид и манастирот „Св. Наум“. Екскурзијата во Охрид ја овозможи гимназијата „Алекси де Токвиљ“ од Шербур со цел учениците од двете земји да се запознаат со историјата, културата и природните богатства на Македонија. Учениците ги посетија и компаниите „Брако“ и „Леов“. Од заедничките едукативни работилници што 5 дена се одвиваа во средните училишта во Велес произлегоа нови идеи за соработка. Особен интерес кај учениците предизвика предавањето на Ивана Димитровска, директор на АЛДА, за ЕУ фондовите во програмата „Еразмус +“ и можноста учениците да ги развиваат своите вештини во Македонија и во Франција. Проектот доби силна поддршка од Амбасадорот на Република Франција Кристиан Тимоние и Францускиот институт во Скопје. Гостите од Франција беа сместени во 43 велешки семејства. Најголема придобивка од оваа училишна размена се искрените и трајни пријателства помеѓу младите генерации на Велес и Шербур и нивните професори и родители.