Црквата во с. Црквино прогласена за значајно културно наследство
Црквата „Свети Ѓорѓи“ во велешкото село Црквино е прогласена за значајно културно наследство. Такво решение досене Управата за заштита на културното наследство. Оваа одлука значи дека од сега објектот ќе ужива гарантирана заштита која ја обезбедува Република Македонија.
Врз основа на донесеното решение објектот ќе биде запишан во Националаниот регистар на културно наследство.
Во црквата „Свети Ѓорѓи“ ќе се применува посебен режим на заштита. Тоа подразбира задржување на архитектурата, редовно извршување на конзераторски работи, забрана за градби во непосредна близина.
Објектот ќе биде вклучен во сите урбанистички планови и документација кои ќе се изработуваат за селото. Ќе се изработи Елаборат за безбедносна заштита, а ќе биде означена и со заштитни знаци и ознаки.
Црквата во велешкото село Црквино е изградена во 17-ти век. Таа е еднокорабна со полукружна апсида од внатрешната страна и тространа од надвор. За градење е употребен кршен камен.
Според стилско – ликовните ознаки на иконите и иконостасот се претпоставува дека ги изработил зографот Крсте од Велес. Објектот е типичен за поствизантискиот период и се вклучува во редот на ретко сочуваните споменици од 17 век во поширокиот регион на градот.