Значително подобрена комуналната инфраструктура во Општина Велес
Станува збор за реализација на проектот: Изградба на водоснабдителен систем за Индустриска зона Речани 2 со прстенасто поврзување со водоснабдителниот систем на езеро Младост. Се работи за потег или нова водоводна линија која има вкупна должина од 1,3 километри. Со новоизградената водоводна линија која оди се до крстосницата во близина на Башино село, се воспостави кружен тек на водоснабдување и се создадоа услови за приклучување на поголем дел од жителите на населба Речани и објектите во индустриските зони Речани 1 и Речани 2 кон градскиот водосбадителен систем.
Новата водоводна линија е од полиетиленски цевки со профил од 225 милиметри. На овој потег изведени се четири разделни шахти за да може во иднина да се приклучат други секундарни линии. За правилно функционирање на цевководот поставени се два испуста и еден воздушен вентил. Со реализацијата на овој проект конечно се става крај на проблемот со водоснабдувањето за објектите во овој дел на градот. Тие во идина ќе можат да користат чиста вода за пиење. Вкупната инвестиција е од Буџетот на Општина Велес. Средствата се во висина од 2 милиони денари. Апел до сопствениците на стамбени или индустриски објекти од тој дел на градот да поднесат барање за приклучок во ЈКП Дервен. Врз основа на тоа барање надлежните од јавното претпријатие ќе го извршат приклучувањето на нивните објекти и со тоа ќе добијат чиста и исправна вода за пиење.