68-ма СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС

Претседателот на Советот на Општина Велес, Александар Колев ја информира јавноста дека денес 02.05.2017 година (вторник) во просториите на Општина Велес со почеток во 14:00 часот, Советот на Општина Велес ќе ја одржи 68-мата седница.
За 68-ма седница на Советот предложен е следниот дневен ред:

1. Предлог-одлука за утврдување на потреба за донесување на урбанистичко планска документација со која ќе се изврши проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправните објекти изградени во КО Велес.
До Општина Велес поднесени се голем број на барања за утврдување на правен статус на бесправни објекти изградени на катастарски парцели кои се наоѓаат вон границите на важечкиот Генерален урбанистички план на град Велес.Со цел непречено да се продолжи постапката за утврдување на правен статус на овие бесправно изградени објекти (кои несомнено се изградени пред многу години) и поефикасно да се заврши постапката во пресрет на граѓаните, потребно е да биде извршено проширување на планскиот опфат. На овој начин голем дел од започнатите постапки би се завршиле и барателите ќе добијат Решенија за утврдување на правен статус кои престставуваат правен основ за запишување на правото на сопственост во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.
2. Предлог-програма за изменување и дополнување на Програмата за изработка на Урбанистички планови во Општина Велес за 2017 година.
Во оваа точка се предвудува измена и дополнување во два Детални урбанистички планови. Причина за оваа интервенција е фактот што предвидените средства за реализација на Програмата се намалени поради тоа што на објавениот тендер за изработка на урбанистички планови постигнати се пониски цени за изработка на урбанистичките планови.
3. Предлог-програма за изменување и дополнување на програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата во 2017 година.
Измените во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на културата за 2017 година се должат на потребата за корегирање на одредени ставки во неа од причини што не постојат реални услови тие да се реализираат во предвидениот рок и со предвидениот обем.
4. Предлог-програма за изменување на програмата за активностите на Општина Велес во областа на социјалната заштита во 2017 година.
Измените во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на социјалната заштита за 2017 година се должат на потребата за корегирање на ставката за учество во партнерски проект со Вардарскиот плански регион. Бидејќи заради актуелната политичка состојба проекти од овој вид не можат да бидат реализирани, средствата се пренаменуваат во Програмата за комунални дејности.
Другите средства обезбедени од ставката за стари лица и непредвидени трошоци остануваат во Програмата за социјална работа но со пренамена за Инвестиции – Детска градинка „Димче Мирчев“. Овие средства се потребни за реконструкција на објектот сопственост на Општина Велес во Караслари каде ќе се отвора детска градинка со кофинансирање од страна на МТСП.
5. Предлог-програма за изменување на програмата за активностите на Општина Велес во областа на здравствената заштита во 2017 година.
Измените во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на здравството за 2017 година се должат на не можноста да се реализира проектот за уредување на локалитетот Саботна вода. За да може планираните буџетски средства да се искористат, се пренаменуваат во Програмата за комунални дејности.
6. Предлог-програма за изменување на програмата за активностите на Општина Велес за поддршка на младите во 2017 година.
Измените во Програмата за активностите на Општина Велес за поддршка на младите за 2017 година се должат на потребата за корегирање на одредени ставки. Поточно, дел од активностите предвидени во оваа Програма за периодот јануари-април веќе се завршени со минимални финансиски средства затоа што Советот на млади ги реализираше без хонорари за ангажираните лица. Ослободените средства од оваа Програма се префрлаат во Програмата за уредување на градежно земјиште на просторот на Општина Велес за 2017 година.
7. Предлог-програма за изменување на програмата за активностите на Општина Велес во областа на промоција и комуникација со јавноста и меѓународна соработка во 2017 година.
Измените во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на промоција и комуникација со јавноста и меѓународна соработка во 2017 година се должат на потребата за зголемување на средствата за изработка и печатење на промотивен материјал за Велес, поточно печатење на монографија и туристички водич затоа што сите залихи на промотивен материјал се потрошени. Намалувањето на средствата во другите ставки нема да се одрази на квалитетот на реализирање на планираните активности. Ставката бр.11 (реализирање активности за соработка за архитектонско наследство – Долна Нормандија) нема да се реализира затоа што овој проект не е предвиден за поддршка од страна на донаторот за 2017 година.
8. Предлог-програма за изменување на програмата за активностите на Општина Велес во областа на спортот во 2017 година.
Измените во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на спортот за 2017 година се предизвикани од тоа што наместо да се уредува подвозникот, се планира изградба на пешачки мост што ќе го поврзува Младински парк со спортската сала, стадионот и Градскиот парк. Затоа ослободените средства се пренаменуваат во Програмата за комунални дејности.
9. Предлог-програма за изменување на програмата за активностите на Општина Велес во областа на информатичката технологија (ИТ) во 2017 година.
Најголемиот дел од направените измени и дополнувања на Програмата се резултат на усогласувањето на износите на планираните проекти со добиените цени на услугите како резултат на завршените процеси на јавни набавки и реалните проекции на можните инвестиции до крајот на тековната година.
10. Предлог-решение за давање согласност на Годишниот план за вработување за 2018 година во Локална Библиотека „Гоце Делчев“ Велес.
11. Предлог-решение за давање согласност на Годишниот план за вработување за 2018 година во Локална установа Народен музеј- Велес.
До Советот на Општина Велес пристигна допис од Локална библиотека „Гоце Делчев“ Велес и од Народниот музеј од Велес со кој го доставија Годишниот план за вработување за 2018 година. Во Законот за вработените во јавниот сектор е регулирано дека функционерот кој раководи со институцијата е должен планот за вработување да го достави до Советот на Општината.
12. Предлог-решение за именување член на Советот на млади на Општина Велес.
Советот на Општина Велес на седницата одржана на ден 14.03.2017 година донесе решение за разрешување на член на советот на млади на Општина Велес. По донесувањето на ова решение се распиша јавен повик за предлагање на кандидат за член на Советот на млади на Општина Велес. Пристигнатите предлози ќе се разгледаат од страна на комисијата за мандатни прашања избори и именување и ќе достават предлог до СОВ.
13. Предлог за разгледување на Иницијатива за покренување постапка за одземање на титула почесен граѓанин.
До Советот на Општина Велес пристигна Иницијативата за покренување на постапка за одземање на титула почесен граѓанин. Иницијативата е поснесена од страна на здружението за заштита на човекови права на прогонетите децата од Егејскиот дел на Македонија „Ѕвезда“.
Со последната 13-та точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 68-та седница на Советот на Општина Велес.