Поставен камен темелник за Надпатник кај Башино село

Започна изградбата на капитален објект во Башино село. Денеска се постави камен темелникот за изградба на „Надпатник над автопатот“ со кој ќе се поврзат црквата „Свети Никола“ и гробиштата. Целосната должина на пешачкиот мост изнесува 43,06 метри. Со пристапните патеки од двете страни должината на објектот изнесува 60 метри. Мостот ќе биде широк три метри, а делот кој ќе биде наменет за пешаците ќе изнесува 2,6 метри.

„Со изградбата на пешачкиот надпатник ќе исправиме една голема неправда која им е нанесена на локалните жители во периодот кога се градел автопатот Е-75 од Скопје за Велес во почетокот на 60-тите години од минатиот век, со кој значително им е отежната комуникацијата од црквата до гробиштата. Сегашното решение е со многу заобиколувања и движење по лош пат за да се стигне до гробните места„ рече Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев. Вкупната инвестиција изнесува 5,7 милиони денари со вклучен ДДВ. Тоа се средства кои се обезбедени од Буџетот на Општина Велес. Проектната документација на изградба на Надпатникот се подготвуваше две години и два месеци. Изградбата се очекува да биде готова за шест месеци.