Стартува 14 –то издание на ИФФ „Велес“

Од 4-ти до 8-ми јули годинава, Велес ќе биде домаќин на 14-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал. Ова на прес конференцијата што се одржа на 3-ти јули го најави претседателот на Организациониот одбор на фестивалот Томе Јаневски, во присуство на членови на одборот. „Годинава граѓаните на Велес и Македонија ќе уживаат во песните, ората, танците и традициите на ансамблите од Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија, Романија, Словенија, Полска и Австралија.

Воедно, ќе имаат можност да го проследат настапот на два ансамбли од една Источноевропска земја кои се изненадување на ова издание на фестивалот. Домашните ансамбли ни доаѓаат од Велес, Скопје, Битола, Делчево, Радовиш и Богданци“, рече Јаневски.
На фестивалот ќе настапат вкупно 24 ансамбли од кои 12 странски и 12 домашни. Фестивалот започнува утревечер (4-ти јули,2017), со дефилето на учесниците по велешките улици во 19 часот и свеченото отворање во амфитеатарот во Младински парк кое ќе започне во 20:30 часот.
Јаневски ги покани граѓаните и претставниците на медиумите да го поддржат фестивалот со своето присуство. „ИФФ сте вие, вашата поддршка и вашите аплаузи дадени од срце“, порача тој. Во случај на лоши временски услови, фестивалските вечери ќе се одржуваат во спортската сала „Гемиџии“
Повеќе детали за фестивалот можете да видите во програмата.