Распишан оглас за изградба на Покриен градски пазар

Општина Велес преку бирото за јавни набавки распиша јавен оглас за набавка: „Изведба на градски пазар – дел од фаза 1“.
Јавното отворање на понудите ќе се одржи на 21 Август во 12:00 часот во малата сала на Општина Велес. Практично тоа е рокот до кога и сите фирми заинтересирани да учествуваат во Првата фаза во изградбата на Покриениот градски пазар може да достават понуда. Потоа ќе се организира електронска аукција на која ќе се избере најповолната понуда, односно најниската понудена цена.

Досега се изработени идејното решение, основниот проект, одобрението за градба и останатата потребна документација.
Во првата фаза предвидено е да се работи на долниот дел од пазарот. Ќе се изведуват подготвителни и земјени работи, потоа армирани и челични конструкции кои практично се основа на новиот објект.
Проценетата вредност на градежниот зафат ќе изнесува 12 милиони денари средства кои се со вклучен ДДВ.
Почетокот на првата фаза значи дека во иднина градскиот пазар ќе стане модерно и урбано место за набавка на земјоделски производи.
Новиот пазар за значи подобри услови за купувачите, но и за продавачите на стоки. Идејата е тој да работи сите денови од неделата.
Освен тезги за продажба, во него ќе се изградат 16 дуќани, трговска и улица за достава на производи, како и санитарни јазли. Се предвидува и нова поделба на реоните во кои ќе се продаваат прехрамбени производи ,текстил ,пластика и друго.