Градоначалникот Коцевски со отчет за првите 100 дена од преземањето на функцијата
На денот кога истекуваат точно сто дена од преземањето на функцијата, Градоначалникот Аце Коцевски на прес конференција ги информираше новинарите за затекнатите состојби, тековните проекти и активности и плановите за развој на општината.
Затекнатите состојби со превработеноста и неорганизираноста на администрацијата, лошите состојби во ЈКП „Дервен“ што се одразија на хигиената во градот и резултираа со ненавремено отстранување на дефекти, злоупотребите направени од поранешниот претседател на советот со одобрување на поранешниот градоначалник, злоупотребите на неколкумина директори во училиштата, проблемите со огрев и превоз во училиштата, активностите за отстранување на бесправно поставените тезги кај пазарот, проблемот со кучињата скитници, но и големиот број инфраструктурни и меѓународни проекти беа само дел од информациите што градоначалникот Коцевски ги презентираше во јавноста.
„Примопредавањето на функцијата се случи во многу специфичен период, непосредно пред активностите за донесување на програмите и буџетот на општината, на истекот на 2017.Затекнатите состојби и проблеми како и процедурите за носење на буџетот, не оставија многу простор за реализација на конкретни проекти и активности. Особено во услови кога немаме ниту едно ново вработување, а во затекнатата администрација од неразбирливи причини, најголемиот дел од одделенијата се без раководители.
Сепак можам да заклучам дека за краток период успеавме да направиме анализа на сите состојби, да ги утврдиме приоритетните проблеми на граѓаните и да изградиме визија за иднината.
Најважно од се успеавме да го намалиме огромниот долг на општината. Кога ја презедов функцијата долгот изнесуваше 170.276.850 денари или 2.768.729 евра.
Со домаќинско работење и кратење на сите непродуктивни трошења долгот го намаливме. За три месеци се исплатени 50.038.181,00 МКД или 813.628,96 евра, односно 29,39% од долгот“.
На прес конференцијата Коцевски ги најави најзначајните тековни проекти меѓу кои Пречистителната станица со колекторски систем, финансирана од ЕУ како највреден проект во општина Велес во висина од над 20 милиони евра. Воедно тој најави дека електронската верзија на очетот за сработеното во изминатите 100 дена од денес ќе може да се разгледа на официјалната веб страница на општината и на општинскиот профил на Фејсбук.
Прес конференцијата во целост можете да ја погледнете на следниот линк.