ОПШТИНА ВЕЛЕС ДОБИ ЛОКАЛЕН ГРАЃАНСКИ СОВЕТ
Во просториите на Општина Велес денеска се одржа првиот состанок на Локалниот граѓански совет. Телото кое се формираше денеска има за цел да овозможи максимална отвореност на општината, преку поголема вклученост на граѓанскиот сектор во процесот на донесување одлуки и мислења.
Во Локалниот граѓански совет членуваат претставници од невладиниот сектор, спортски работници, лица од медиуми, здруженија на граѓани, организации кои имаат различни начини и области во кои делуваат.
На тој начин се обезбедува разноликост и увид во што поголем број на проблеми и актуелни прашања кои ќе бидат дел од темите за дискусија на Советот.
Претседавач е Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски. Тој денеска истакна дека Локалниот граѓански совет е замислен да биде континуитет на некогашната „Зелена коалиција“ но со многу пошироко значење. Изрази надеж дека ова ќе биде најактивно тело од ваков тип во државата. На првиот состанок покажа подготвеност за разгледување на сите предлози, размислувања, идеи, сугестии и очекувања од граѓанскиот сектор за подобрување на одредени надостатоци во градот.
На следниот состанок членовите на Локалниот граѓански совет ќе го донесат и Деловникот за работа, а ќе се избере и трочлена комисија која ќе му помага на претседавачот за одредени прашања.