Градоначалникот Коцевски во работна посета на општините пријатели Медијана и Врање-Србија
На покана на Небојша Коциќ, Градоначалник на Општина Медијана, Ниш- Србија, Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, на 31 јануари годинава, престојуваше во работна посета на Медијана. Во контекст на перспективите за размена на искуства, вмрежување и заеднички активности, Градоначалникот Коцевски ја нагласи можноста за пренесување на искуствата во областа на информатичката технологија и управувањето со квалитет, области во кои Општина Велес предничи како една од водечките во Македонија.
Тој ги потенцираше можностите за искористување на новите ЕУ Фондови за Југоисточна Европа и Блаканот како отворена можност за вмрежување и работа на заеднички апликации. Градоначалникот Коциќ нагласи дека Општина Медијана може да ги пренесе искуствата за организација на рок фестивал, во пресрет на манифестацијата која за првпат годинава ќе се организира и во Велес. Воедно Коциќ им ги пренесе на градоначалникот Коцевски искуствата во управувањето со отпад и проектите за поставување на подземни контејнери како голем чекор во заштитата на животната средина. Делегацијата од Велес имаше можност да види и дел од културните знаменитости. На средбата беше договорено да се основа билатерална оперативна група во администрациите на двете општини кои би работеле на заеднички активности и проекти. Предложени теми за идна соработка се локолната економија и соработката меѓу стопанствениците, заштитата на животната средина, културата и младите.
Во рамките на престојот во Република Србија, градоначалникот Коцевски со делегација присуствуваше на Свечена академија по повод 140 години од ослободувањето на градот Врање.
На настанот што се одржа во Домот на војската во Врање, Коцевски се сретна со градоначалникот на Врање, Слободан Миленковиќ. На свеченоста беа доделени пригодни награди и признанија на најистакнатите граѓани на Врање и се одржа културно-уметничка програма.
Врз основа на иницијативите за вмрежување на општините од Балканот и заедничко искоритување на расположивите меѓународни фондови, во наредниот период како што најави Коцевски, соработката ќе се интензивира во интерес на граѓаните.