Велес се вклучува во програмата РОМАКТЕД на Советот на Европа
Во пресрет на официјалниот старт на активностите на регионалната програма на Советот на Европа ROMACTED во земјите на Западен Балкан, градоначалникот Аце Коцевски на 2-ри февруари годинава оствари средба со Хадис Реџепи, проектен раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа во Македонија, извршниот директор на Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“ и членови на проектната канцеларија.
На средбата Коцевски изрази задоволство од можноста Велес да се вклучи во оваа значајна програма за интеграција на Ромите и ги презентираше клучните анализи и предизвици за граѓаните од ромската заедница во Велес.
Како што нагласија претставниците на програмската канцеларија, програмата ќе биде имплементирана од тимот на Советот на Европа за Роми и Патувачи (Номади) и Канцеларијата на Генералниот Директорат на Програмите во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија, Македонија и Турција.
Програмата ќе се спроведува во околу 50 општини (локални администрации, избрани претставници и службеници) и ромски заедници за период од 28 до 30 месеци, до крајот на април 2020. Програмата е насочена кон јакнење на ромската заедница, подобрување и проширување на посветеноста, капацитети, знаења и вештини на институциите во работењето за ромска инклузија, како и воведување во пракса на концептот за добро владеење. Меморандумот за учество во програмата, градоначалникот Коцевски ќе го потпише на 15 март годинава, заедно со градоначалниците на уште 11 општини од Македонија.