Прес конференција на Градоначалникот Аце Коцевски
На денешната прес конференција Градоначалникот Аце Коцевски, на припадничките на понежниот пол им го честиташе 8-ми Март, меѓународниот ден на жената. „Порачувам жените уште повеќе да се борат за поголеми политички, економски и социјални права во нашето општество и за поголемо учество на жените во политичкото одлучување и во раководењето на фирмите и со јавните институции. Посакувам да бидат рамноправен столб во општеството како што се и во нивните семејства„ истакна Коцевски.
Тој најави масовна акција за чистење на Велес која ќе се одржи во сабота на 10 Март со почеток во 09:00 часот.
„Ги поканувам сите граѓани со добра волја да ни се приклучат на следните три собирни пунктови: во близина на Стар мост, на градскиот стадион и на игралиштето во населба „Тунел“.Акцијата ќе се одвива на следните локации: на улица „Димко Најдов“, на улица „Луј Пастер“, на градскиот фудбалски стадион и на улицата„ Благој Ѓорев“. Заради високиот водостој на Вардар ги избегнуваме крајбрежните појаси покрај реката за да не дојде до некои несакани последици.
Мото на акцијата е „НЕ ВАЛКАЈ – РАЗУБАВИ, ДЕН ЗА ВЕЛЕС“. Ја организираме заедно со ЈКП Дервен со основните и со средните училишта, урбаните заедници, општинската организација на Црвен крст, ТППЕ Велес, Центарот за управување со кризи и со повеќе граѓански организации.
Акцијата нема да биде ограничена на претходно споменатите локации. Ги поттикнуваме фирмите, Урбаните заедници, граѓаните индивидуално и преку куќните совети да се организираат и да ни се приклучат. Цел ни е Велес да биде убав и чист град, убаво место за живеење“.
На денешната прес конференција Градоначалникот ја извести јавноста дека до Советот на Општина Велес доставил предлог одлука за изработка на документ, Велес паметен град – Стратегија за развој 2018-2030. „Со навремено прилагодување на промените и успешно совладување на предизвиците на 21-виот век, континуирано ќе го подобруваме квалитетот на живеење преку истовремена заштеда на ресурси, преку инвентивност и реализација на проекти со енергетска ефикасност и интелигентен сообраќаен систем. Крајната цел е Велес да биде одржлив, среден, поврзан, зелен, дигитален, град на иднината.
Истовремено Градоначалникот Коцевски до Советот на Општина Велес достави предлог одлука за изработка на план за одржлива урбана мобилност на Велес за периодот 2018-2030 кој се очекува да донесе големи промени на планот на реорганизација на сообраќајот и новите еколошки решенија во интерес на граѓаните.
На следната седница Советот на Општина Велес се очекува да ја донесе и одлуката за формирање на јавно претпријатие „Велес –гас“ и Јавно претпријатие „Велес –паркинг“
На прес конференцијата Коцевски напомена дека до Управниот суд е поднесена жалба за поништување на решението за поскапување на цената на водата и ги информираше новинарите дека до надежните органи доставил предмети за извршени злоупотреби со буџетските средства.
Денешната прес конференција во целост можете да го погледнете на следниот линк