Германска инвестиција во интерес на иднината на младите велешани
Со цел Велес да прерасне во една од општините која гради нови кадри соодветно на потребите на бизнис секторот, денеска градоначалникот Аце Коцевски оствари средба со Тобијас Боле, координатор за дуално средно стручно образование при Германската Стопанска комора, претставници на компаниите „Маркард“ и „Ронтис“ и ССОУ „Коле Неделковски“.
Реализацијата на проект за опремување на училница за техничко образование во училиштето „Коле Неделковски“ беше во фокусот на средбата на која се разменија мислења за развој на сеопфатен концепт за професионална ориентација во Велес со вклучување на повеќе фирми и соработка на општината, бизнис секторот и министерството за образование. Со поддршка на компанијата „Маркард“ и со средства собрани како донација од релито „Европа“ што се вози на релација Германија-Јордан, училница во училиштето „Коле Неделковски“ ќе биде реновирана и опремена со машини и техничка опрема за практична обука на учениците.
Целта е учениците уште со завршувањето на средното училиште да бидат конкурентни на пазарот на работна сила и да одговорат на потребите на компаниите во Велес. „Во целост ги поддржувам вашите активности и мислам дека техничките науки се иднината на Македонија“ рече меѓу другото Коцевски. Тобијас Боле од своја страна изрази надеж дека со поддршка на Германската стопанска комора ќе се зголеми квалитетот на стручното образование во Македонија. Трендот на пораст на бројот на запишани ученици во „Коле Неделковски“ во изминатите 3 години потврдува дека квалитетното техничко образование прераснува во важен фактор за вработување во Велес. Проектот ќе и биде претставен на јавноста на 8 –ми мај годинава кога претставници на релито „Европа’ ќе пристигнат во Велес.