Одлични финансиски резултати во првиот квартал на 2018
Почитувани сограѓанки и сограѓани,
Бидејќи Вие имате право да знаете каде, колку, како и за што се трошат Вашите пари, како пари на даночни обврзници кои се слеваат во општинскиот буџет, во продолжение градоначалникот Аце Коцевски ги презентира податоците за финансиското работење од првиот квартал од 2018-та година, споредени со податоците од првиот квартал од 2017-та година:
Со задоволство Ве информираме дека точно 5 месеци и 10 дена не е потрошен ниту еден денар за ручеци, вечери, односно за репрезентација. Последната фактура од 1.020 денари е од 10-ти Ноември 2017 година, направена при посета на гости од збратимените градови за Денот на Општина Велес, а е доставена во текот на оваа година.
Реализираните приходи на Буџетот се поголеми за 28,68 милиони денари, трошоците за репрезентација се намалени за 92,5 пати, а трошоците за гориво се намалени за 3 пати.
Капиталните расходи се за скоро 4 пати поголеми.
Притоа се вратени 44.846.168,00 денари долгови на општината. Со цел да се обезбедат средства за неопходните проекти за подобрување на животот на граѓаните, Општина Велес ќе продолжи да работи транспарентно, домаќински и со соодветна грижа за средствата од буџетот кои им припаѓаат на сите граѓани.