Училишна делегација од Шербур во посета на Велес
Во рамките на училишната размена помеѓу Велес и збратимениот град Шербур, Република Франција на 23 април годинава училишна делегација од гимназијата „Сомаре“ го посети Велес.
31 ученик и седуммина професори од гимназијата во Шербур во текот на денот имаат можност да проследат презентација за културните и туристичките потенцијали на Велес и на лице место да посетат повеќе знаменитости и локации меѓу кои Народниот музеј, Спомен костурницата и црквите.
На приемот во Општина Велес, свечено беше откриена уметничка слика дело на графичарот Ален Буо од Шербур која е предадена ако подарок за Општина Велес. Гостите од Шербур денеска ја посетија и гимназијата „Кочо Рацин“ каде остварија средба со своите колеги и соученици. Во рамките на посетата тие ќе одиграат и пријателски натпревар во мал фудбал со нивните соученици во ССОУ „Коле Неделковски“. Како што за медиумите изјави професорот Филип Лебур кој ја предводи делегацијата, посетата на Велес е вовед во нова соработка. Тој најави дека со градот Шербур ќе ги разгледаат можностите за возвратна посета и продолжување на заедничките проекти.
По долгогодишната соработка со гимназијата „Алекси де Токвиљ“ со која во три наврати е остварена училишна размена, делегацијата на гимназијата „Сомаре“ за првпат е во Македонија. Од првичните впечатоци накратко ја опишаа како убава земја со гостољубив народ. Нивната посета низ земјава продолжува вечерва. Ќе имаат можност да ја посетат винаријата „Тиквеш“ во Кавадарци како и Дојран, Битола и Охрид.