Амбасадорот Жбогар со претставници на Владата во посета на Велес
Во рамките на кампањата „Европа за тебе“ во областа на транспортот, Амбасадорот Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија заедно со Кочо Анѓушев, Вицепремиер за економски прашања, Бујар Османи, Вицепремиер за евроинтеграции, Горан Сугарески, Министер за транспорт и врски и други претставници на Владата на Република Македонија, на 23 мај годинава ја посетија Општина Велес.
Предизвиците на општините на планот на финансирањето и одржливиот развој и користењето на европските фондови беа само дел од темите на средбата со градоначалникот Аце Коцевски. Како што нагласи Коцевски, воспоставувањето на системот на финансиско воедночување, утврдување на рамка за минимален квалитет на услуги како и поддршката на општините треба да биде еден од врвните приоритети што ќе обезбеди еднаков квалитет на услуги во сите општини.
На средбата, Вицепремиерот Анѓушев најави поддршка на рамномерниот регионален развој и обезбедување на средства за развој на општините. Тој укажа дека квалитетната техничка документација е неопходен услов за реализација на значајни инфраструктурни проекти. Амбасадорот Жбогар ја нагласи улогата и посветеноста на Европската Унија во реализацијата на значајни проекти за подобрување на патната и железничката инфарструктура и одржливиот развој.
Високата делегација ја посети железничката станица во Велес, реновирана со средства од ИПА во висина од 175 000 евра. Како што соопштија од Делегацијата на ЕУ, во изминативе неколку години инвестирани се 325 милиони евра во транспортната инфраструктура во Македонија со изградени над 100 км автопати, 64 км патишта, 16 км железника линија и реновирани 11 железнички станици меѓу кои и во Велес и Чашка.
Високата делегација ја посети и Општина Чашка каде градоначалникот на Велес Аце Коцевски и градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски имаа можност да разговараат со Амбасадорот Жбогар за приоритетните проекти и најголемите предизвици со кои се соочуваат двете општини.