Во чест на Св. Кирил и Методиј - наградени најуспешните наставници и ученици

Лорета Стојановска е најдобар наставник од општинските основни училишта во одделенска настава, Илчо Стојановски – најдобар наставник од основно училиште во предметна настава. Во средното образование, најдобар професор за 2018 година е Филимена Костова. Помеѓу учениците најмногу се истакнаа Ребека Манева и Вероника Гиовска во основно и Никола Стојменов и Михаил Трајков во средно образование.

На свеченоста што во чест на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“, на 23 мај годинава се одржа во Општина Велес, наградите на најуспешните наставници и ученици им ги доделија градоначалникот Аце Коцевски и Маја Хеско, претседател на Комисијата за општествени дејности на Советот на Општина Велес.

Во своето пригодно обраќање, градоначалникот Аце Коцевски ја нагласи улогата на наставниците за развојот на Велес и Република Македонија.„Во ова време кога сме исправени пред историски предизвици за Македонија, улогата на наставниците во примената на новиот систем на вредности ќе биде од суштинско значење за развојот на идните европски генерации.

Неретко и денес, во случаите кога најпаметните и најуспешните луѓе на светот  ги прашуваат како стигнале до тој успех тие одговараат со два суштински збора „Имав учител“. Тоа е вашиот безвременски печат низ вековите и сите простори како продолжувачи на делото на браќата „Св. Кирил и Методиј“, како носители на трагите на Глаголицата преточени во нови науки и вештини“, рече Коцевски честитајќи им на најуспешните наставници и ученици.