Велешани го добија Офицерскиот дом, Прес-конференција на Градоначалникот Аце Коцевски

На седницата одржана на 22 Мај годинава, Владата на Република Македонија го прифати барањето на Општина Велес и одлучи објектот на Офицерскиот дом да го пренесе во сопственост на општината, односно на граѓаните на Велес. Оваа убава вест на прес конференција ја соопшти градоначалникот Аце Коцевски.

„Оваа одлука сметам дека е од големо значење за Велес и велешани. Наместо да зјае празен и да пропаѓа ќе го вратиме животот во ова култно место за граѓаните. Во најскоро време Офицерскиот дом пак ќе биде центар на социјализацијата и дружењето за сите генерации велешани и ќе ја поттикне локалната економија.  Ова е остварување на дел од визијата за Велес и одлуката на граѓаните за намената на Офицерскиот дом искажана на јавната расправа за капитални инвестиции.  Во најкус можен рок ќе објавиме јавен повик за заинтересираните инвеститори и угостители“, рече Коцевски кој упати јавна благодарност до Владата на Република Македонија за брзата одлука и отворената можност за враќање на сјајот на Офицерскиот дом. Површината на парцелата лоцирана на улицата „Благој Ѓорев“ бр.1 е 2663 м2. Објектот има подрумски простории, приземје, еден кат и поткровје.

Приземјето опфаќа  201 м2. Катот има 17 простории, тераса и санитарии со површина од 162 м2, а поткровјето вклучува 2 простории со вкупно 53 м2. На југ/југоисток граничи со тротоарот на улица „Благој Ѓорев“, а од сите други страни е обиколен со парк. Со одлуката на Владата, велешани официјално го добија Офицерскиот дом во сопственост.