Ученици од Новогард-Полска во посета на Велес
На 28 мај годинава Градоначалникот Аце Коцевски оствари средба со делегација на средното стручно училиште „Станислава Сташица“ од збратимениот град Новогард - Република Полска.
„Сигурен сум дека вашиот престој ќе го искористите за продлабочување на соработката со училиштето „Коле Неделковски“ и верувам дека ќе имате можност да се запознаете со културата и обичаите на граѓаните на Велес и Македонија“, рече Коцевски кој им порача на учениците дека средното стручно училиште е вистински избор затоа што иднината е во техниката. Боро Ристовски, директор на ССОУ „Коле Неделковски“ изрази задоволство од соработката и најави продолжување на активностите за училишна размена.
Во името на делегацијата професорот Михаил Даца упати благодарност до градоначалникот Коцевски за поддршката на билатералната соработка. Ова е осма заедничка средба помеѓу двете училишта. 15 ученици и двајца професори од училиштето „Станислава Сташица“ ќе се дружат со своите соученици и колеги од ССОУ „Коле Неделковски“ до 2 јуни годинава. Во рамките на програмата ќе се одржат низа училишни активности и посети на голем број знаменитости и споменици во Велес.