Разладување ќе има - организиран превоз до езеро Младост за велешани
На прес конференцијата одржана на 29 мај годинава, градоначалникот Аце Коцевски информираше за алтернативни решенија со кои ќе се обезбеди разладување и рекреација за време на летото 2018. „Во врска со состојбите на градскиот базен, мојот став е дека човечкиот живот нема цена и дека не можеме ниту пак смееме да го загрозиме животот на граѓаните, особено кога се работи за деца кои се најчести посетители на базенот.
Во услови на недостиг на финансиски средства за трајна санација на запуштениот базен во кој ништо не е сериозно инвестирано, ниту пак било наплаќано во изминатите 3 години, за што се води соодветна судска и извршителска постапка работевме на повеќе алтернативни решенија. За да излеземе во пресрет на потребите на граѓаните и да обезбедиме разладување во жешките летни денови, најверојатно ќе го искористиме автобусот во сопственост на Општина Велес, а ако има потреба и други автобуси за да ги превезуваме заинтересираните граѓани за рекреација пливање и разладување до езерото и назад по симболична цена за која ќе одлучи Советот на Општина Велес“, рече Коцевски.
Како што тој нагласи состојбата на градскиот базен е сериозна и критична и во никој случај не смее да се дозволи користење на базенот во сегашната состојба која е потврдена од експертите и Институтот за земјотресно инжинерство. На базенот му е потребна темелна реконструкција. Градоначалникот најави дека во понатамошниот период со Советот на општината ќе се донесе одлука што понатаму со базенот: санација или подготовка на техничка документација за реконструкција во отворен и затворен базен кој би можел да се користи во текот на целата година.