Противпожарната единица ќе се засили со нови пожарникари

Територијалната противпожарна единица ќе се засили со нови пожарникари откако Општина Велес доби согласност за вработување и екипирање на единицата. На прес конференција, градоначалникот Коцевски изрази надеж дека новите вработувања ќе придонесат за надминување на проблемите во единицата.

„Состојбата во Територијалната противпожарна единица во повеќе аспекти е катастрофално лоша. Бројот на пожарникари е многу мал. Според законот на 1500 жители треба да има еден пожарникар. Ние имаме само 18, а треба да имаме 40-на затоа што нашата единица ги опслужува и општините Чашка и Градско“, рече Коцевски. Тој изрази разочарување од раководството и практиката на пожарникарите да поднесуваат тужби против општината со што во голема мера е оштетен буџетот.

Коцевски информираше дека во тек е вештачење и дека се надева постапките да завршат во корист на општината. Се очекува наскоро да се вработат 10 нови пожарникари. По вработувањето тие ќе треба да поминат 6 месечна обука која за првпат ќе имаат можност да ја следат во ССОУ „Коле Неделковски“ сертифицирано за овој вид обука.