Велешката градинка со нов клон во Чашка
Околу 50 деца од предучилишна возраст од Чашка и околината ќе имаат можност за соодветно институционално згрижување. Како резултат на успешната соработка помеѓу Велес и Чашка и поддршката од државата, градинката „Димче Мирчев“ денес и официјално доби нов клон на територија на Општина Чашка.
„Мене навистина ми е чест и задоволство заедно со градоначалникот на Велес, министерот за финансии и градоначалникот на Општина Чашка да отвориме еден објект за првпат во оваа општина. Конечно на дело се гледат резултатите од нашите заложби да го зголемиме капацитетот на деца во предучилишно образование“ изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Министерот за финансии Драган Тевдовски најави нови инвестиции во оваа област: „Во буџетот за 2018 година има значително повеќе средства преку блок дотации за градинките кои изнесуваат 1,6 милијарди денари. Планирано е зголемување на бројот на вработените во градинките за околу 200 лица. Од септември треба да почне зголемувањето за 5% на бројот на вработени во градинките и во буџетот за годинава има 58 милиони денари за изградба и реконструкција на градинки. Светска банка има интерес да го финансира проектот за изградба на градинките во износ од 33,4 милиони долари. Очекуваме дека на почетокот на јули владата ќе почне преговори со Светска банка. Ќе се овзможи општините тие средства да ги искористат за изградба на градинки“, рече Тевдовски.
Ние како Општина Велес со задоволство ја прифативме иницијативата на градоначалникот на Чашка бидејќи детската градинка е локална установа која спаѓа во Општина Велес. Овој клон е дисперзиран од градинката во Велес. Ние и понатаму ќе ги поддржуваме иницијативите на градоначалникот на Општина Чашка“, рече градоначалникот на Велес Аце Коцевски.
Градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски нагласи дека во моментов во градинката има 27 дечиња на возраст од 3-6 години од населбата Чашка и околината. „Се надеваме дека со поддршка од државата во наредниот период ќе се отворат градинки во селата Горно и Долно Јаболчиште и други села во околината“ изјави Стојановски за медиумите.
Средствата за реконструкција на објектот во Чашка ги обезбеди Министерството за труд и социјална политика. Како што нагласи министерката Царовска сите деца од руралните средини треба да имаат право на предучилишно образование.