Креативно изненадување од велешките гимназијалци
Љубовта изразена во природата, животот, вселената, личното доживување на просторот и времето преточени во над 160 уметнички дела е само дел од она што љубителите на ликовната уметност можат да го видат на изложбата на младите уметници од гимназијата „Кочо Рацин“ предводени од професорот Крсте Шупев.
Во преполниот ликовен салон, на 1 јуни годинава, изложбата ја отвори д-р Анита Василкова Мидоска, директор на Народниот музеј која ја нагласи креативната моќ на младите. Уметничкиот израз на учениците од прва до трета година беше вистинско пријатно изненадување за присутните. Младоста ги освои со талентот и поривот да се изрази себеси преку уметноста на најсуптилен начин. Свеченото отворање на изложбата беше збогатено со перформанс на учениците со стихови на Радован Павловски.