Општина Велес се уредува и зазеленува
Општина Велес во овој период интензивно работи на зазеленување и уредување на градот. Во пресрет на летниот период кога граѓаните ги користат јавните површини за прошетки стручните служби
работат на уредување и зголемување на зелените површини.
Досега во парковските и зелените површини се засадени 30.000 цвеќиња, уредена е зелената површина со отстранување на урбаната опрема на ул. Благој Ѓорев.
Приоритет на општината е на секој слободен простор на јавните површини да засади високо зеленило.
Истовремено извршено е сечење на дрвја, потполно суви, деградирани и опасни по околината, но веднаш настанатата штета се компензира со засадување на високи дрвја. Само во текот на оваа недела се засадени 15 листопадни садници.
Неорганизираното зеленило се отстранува од страна на стручни екипи од ЈКП „Дервен“.
Се кројат ниските гранки на дрвјата водејќи сметка за естетиката на крошната и заштита на растението.
Се уредуваат и дрвјата со кроење на гранки кои пречат на уличното осветлување и сообраќајните знаци со крајна внимателност и со приоритет на зеленилото.
Истовремено се започна со обновување на урбаната опрема за граѓаните да имаат можност да уживаат во благодетите на природата.
И покрај општиот впечаток дека граѓаните се повеќе ги користат зелените површини и злоупотреби има се помалку, Општина Велес апелира до граѓаните дека е потребно сите да се грижиме за јавните површини, јавното зеленило и чистотата во градот.