Во Рациновиот дом- промовирана книга на Вера Антиќ
На 15 јуни годинава, во Спомен-куќата на Коста Солев Рацин беше промовирана книгата „Влогот на Конески во Рацин“ од проф. д-р Вера Стојческа Антиќ.
Книгата ја промовираше проф. д-р Васил Тоциновски. „Кај човекот во неговиот живот единствена мера е работата. Низ седумте текстови што ви ги нуди авторката со пропратниот избор на текстови на Кочо Рацин, создава една хомогена целина за да ни открие дека постојат личности за кои треба да чекаме и се раѓаат еднаш во едно столетие. Таква личност е Кочо Рацин. Блаже Конески вложувајќи дел од себе си во личноста и делото на Кочо Рацин исто така ја има димензијата на мудроста“, рече Тоциновски кој упати благодарност до издавачот Горјан Петрески.
„Проучувајќи го Блаже, јас сватив тека тој има неверојатна почит кон Коста Рацин. Тој му посветил 23 труда на Коста Рацин од 1945 година, а се до неговата смрт, Рацин му беше почесна фигура“, рече проф. д-р Антиќ која го цитираше Блаже Конески во контекст на посетите на родниот дом на Рацин: „Тие имаат смисла и се потврдуваат доколку кон споменот и делото на поетот и револуционерот пристапуваме како кон жив извор на духовно благување и на творечки побуди како кон тивок чинител во самата наша ориентација во современоста“.
Во рамките на промоцијата организирана како дел од манифестацијата „Рацинови средби“ присутните имаа можност да ја посетат спомен-куќата на Кочо Рацин.