Велес - центар на научната филолошка мисла
На јубилејните 55. Рацинови средби, Велес повторно се врати на својот интелектуален вруток како центар на научната мисла.
На конференцијата Унапредување на статусот и корпусот на македонскиот стандарден јазик- Рацин и македонскиот јазик, учествуваа дваесетина еминентни филолози, научници и универзитетски професори од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и САД. На отворањето на конференцијата што се одржа на 15 јуни годинава, во народниот тетар „ЈХК-Џинот“, учесниците ги поздрави градоначалникот Аце Коцевски кој упати благодарност за организацијата на конференцијата во Велес.
„Не само што на овој начин го поттикнавте враќањето на сјајот на Рациновите средби како една од водечките културни манифестации во Македонија туку не потсетивте на сјајот на Велес од 19 век кога овој град беше вруток на македонската литература, култура и преродба. Искрено се надевам дека оваа конференција ќе биде првата од бројните научно-филолошки настани што по многу долго време ќе се вратат во нивниот изворник, во домот што природно им припаѓа“, рече Коцевски. Со поддршка на Министерството за култура, конференцијата ја организираа Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.