Прес конференција на Градоначалникот Аце Коцевски - Со конкретни факти против неоснованите обвинувања за Коњаничкиот марш

Вистинскиот патриотизам е да работите чесно, со голема љубов и посветеност  во интерес на граѓаните.

На мој предлог е изграден споменикот на Илинденците, споменикот на Гемиџиите именувањето на спортската сала и мостот „Гемиџии, одговори градоначалникот Аце Коцевски на обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ. Со став дека и во двата претходни мандати го поддржувал Коњаничкиот илинденски марш, Коцевски на прес конференција изјави дека пред организацијата на настанот остварил средба со двајца претставници на организаторите.

„Не е точно дека јас и велешани сме биле негостопримливи. Ги известив дека општината заради големите наследени долгови не е во можност оваа година да финансира вечери, доручеци и други трошоци за време на нивниот престој, со образложение дека организаторот на таа манифестација е од Општина Аеродром, една од најбогатите општини во Македонија и дека треба тие сами да обезбедат средства за поддршка на нивните активности како што ние сами обезбедуваме средства за „Рацинови средби“, фолклорниот фестивал, фестивалот на античка драма „Стоби“ и други културни манифестации.

 

Коцевски ги известил организаторите по писмен пат дека оваа година нема да се дозволи коњаницата да престојува во градскиот парк кој масовно го користат граѓаните за рекреација и им понудил да престојуваат на езеро „Младост“ како во минатите години. „Не добивме никаков одговор. Не е точно дека граѓаните спонтано се собрале како што изјавуваат  на медиумите затоа што ние ги известивме преку веб страницаа и Фејсбук за организацијата на маршот.

Во врска со обвинувањата на ОК ВМРО ДПМНЕ дека јас сум го бојкотирал овој настан, дека сум одлучил да одам на друг настан, сакам да кажам дека мој е изборот што ќе сметам дека во тој момент е поприоритетно, јас да отидам на друг настан кој се случуваше во исто време и тоа се случуваше еднаш на 40 години, а коњанички марш има секоја година“, рече Коцевски.

Тој напомена дека членовите на советот не се појавиле на најголемите културни манифестации како „Рациновите средби“, на фолклорниот фестивал, ниту на ИФАД „Стоби“. „Јас не излегов да ги обвинам дека ги бојкотираат овие настани и дека со тоа се против Кочо Рацин“, рече Коцевски.