Коцевски со пријави до МВР и Јавно обвинителство за говорот на омраза и навредите на социјалните мрежи

На прес конференција одржана на 30 јули годинава, градоначалникот Коцевски ја извести јавноста за жестоките напади од поединци и профили на социјалните мрежи.

„Последните неколку денови неоправдано изложен сум на организирани жестоки напади и навреди со недолични, непристојни, вулгарни и уличарски зборови со закани по мојот живот. Од 1982 година сум на разни должности во висока политика, но никогаш досега претходно ова што се случило не ми се случило. Многу ми е жал што постојат такви луѓе полни со негативна енергија кои во себе мора да се длабоко несреќни штом се опседнати со толку злобни мисли.

Тие лажни патриоти  на некој начин се злоупотребени од нивната партија, од одредени центри на моќ, поединци, новинари и портали кои со објавување на неточни, непроверени, злонамерни и тенденциозни информации кај горенаведените луѓе поттикнуваат говор на омраза и насилство.

Градоначалникот ја извести јавноста дека преку МВР и Јавното обвинителство ќе покрене постапки и ќе ги искористи сите правни средства предвидени со Кривичниот законик за да се заштити себе си и семејството од говорот на омраза, навреда и дискриминација од поединците кои упатуваат тешки навреди и му се закануваат со ликвидација на социјалните мрежи и од порталите кои објавуваат такви содржини.

„Центрите кои ја скроиле оваа морбидна кампања всушност се плашат од мене, од мојата работливост, чесен, одговорен и домаќински однос, од угледот што го имам меѓу граѓаните што за нив може да биде проблем пред референдумското изјаснување на граѓаните. Всушност јас сум само колатерална штета од вкупните збиднувања во нашата земја“, рече Коцевски.

Инаку, говорот на омраза е забранет во Република Македонија и регулиран со Кривичниот законик, Законот за заштита од дискриминација и Законот за аудиовизуелни и медиумски услуги.