Ѕвездена ноќ во Стоби - Затворено 17. Издание на Фестивалот на античка драма

На 29 јули годинава во преполниот антички театар во Стоби, свечено беше затворено 17 издание на Интернационалниот фестивал на античка драма во Организација на Општина Велес во соработка со Народниот театар „ЈХК-Џинот“ и со поддршка од компаниите „Маркард“ и „Делта Пром“.

На свеченоста беа доделени награди за најуспешните на фестивалот според одлуката на Жири комисијата во Состав Николај Круглов, Мето Јовановски и Ана Стојановска.

Гран-при наградата за најдобра претстава и беше доделена на претставата „Ардалион“ во изведба на Ереванскиот државен театар на пантомимата од Ерменија.

Наградата за најдобра машка улога ја доби Бекназар Избасаров за улогата на Сенека во претставата „Нерон и јас“ во изведба на Жамбилскиот Регионален Руски Драмски Театар од Казахстан.

Наградата за најдобра женска улога и беше доделена на Соња Михајлова за улогата на Јулие Цезар во истоимената претстава во изведба на Народниот Театар Битола. Наградата ја додели актерот Мето Јовановски, член на Жири комисијата.

Со одлука на Организациониот одбор и Жирито беше доделена и Награда за најдобар млад актер на Ирена Илиевска за улогата на Лисистрата во истоимената претстава во изведба на Театарот „ЈХК-Џинот“, Велес. Наградата ја додели Ана Стојановска, член на Жири комисијата.

На свеченоста беше доделена Специјална награда на претставата „Кралските копилиња“ на Театарот „ЈХК-Џинот“, Велес за современ сценски израз конципиран врз лабораториско истражување. Наградата на Сашо Димовски му ја врачи градоначалникот Аце Коцевски.

Во чест на наградените на древната античка сцена Театарот „ЈХК-Џинот“ ја одигра претставата Лисистрата од Аристофан, во режија на Хакоб Газанчјан од Ерменија.

Организацијата на фестивалот ја овозможија Управата за заштита на културното наследство и Националната установа „Стоби“.