Стоби 2018 - настап на Жамбилскиот регионален руски драмски театар
На 28 јули годинава, во античкиот театар Стоби, Жамбилскиот регионален руски драмски театар ја одигра претставата „Нерон и јас“ на Едвард Радзински во режија на Куандик Касимов.
Релацијата ученик -учител преку ликовите на тиранот Нерон и неговиот учител Сенека ја отвори дилемата дали моралноста како доблест секогаш може да се пренесе на помладите генерации? Изразувајќи ги злосторствата на Нерон кон обичниот народ, претставата го изнесе на површина јазот помеѓу владетелот и обичните луѓе. Осум актери на сцената ја донесоа мрачната историја за немоќта на мудроста да се справи со злосторничкиот ум.
Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ завршува 29.07.2018 со доделување на наградите за најуспешните актери, режисери и најдобрата претстава на 17-то издание на фестивалот. Во чест на наградените, Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе ја одигра комедијата „Лисистрата“ на Аристофан, во режија на Хакоб Газанчјан од Ерменија.