Во Велес работилница за европските фондови
Велес е првата од вкупно 9 општини во Македонија опфатени со новата кампања на делегацијата на ЕУ, насловена „ЕУ за тебе“.
На првата работилница што се одржа во Општина Велес, на 31 август годинава, Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка при делегацијата на Европската унија ги презентираше сите расположиви ЕУ фондови и програми од кои општините, граѓанскиот и приватниот сектор можат да добијат средства за развој.
„Годишно во Македонија се обезбедуваат 90 милиони евра за проекти, а 39% од проектите се наменети исклучиво за локалната самоуправа“, рече Бертолини.
Во присуство на градоначалникот Аце Коцевски, претставници на општинската администрација, бизнис секторот, здруженијата на граѓани и медиумите Бертолини ги најави најновите програми и фондови на Европската Унија и ги претстави тековните проекти.
Присутните на работилницата имаа можност практично да работат на решавање на клучните прашања за зголемување на бројот на проектни апликации и поголемо искористување на расположивите ЕУ фондови.
Потребата од финансиски средства за техничка документација, недостигот на финансии за учество на граѓанскиот сектор, недостигот на развиени локални медиуми, мотивацијата и слабото учество на младите беа посочени како клучни проблеми за користење на фондовите.
Како што беше заклучено на работилницата, во наредниот период општината и граѓанскиот сектор треба да работат заедно на изготвување на проектни апликации и надминување на проблемите со цел да се искористат што е можно повеќе средства од ЕУ во интерес на граѓаните.