Спасовски во посета на Општина Велес

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски денес оствари работна средба со Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски, каде стана збор за целокупната безбедносна состојба на територија на Општина Велес, како и за продлабочување на соработката меѓу општинските власти и полицијата. Во составот на делегацијата на министерот Спасовски учествуваше и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски.

„Имаме добра соработка со СВР Велес и со полициската станица во врска со обезбедувањето на јавниот ред и мир и регулирањето на сообраќајот на улиците. Ги кажавме нашите забелешки што ги имаме со цел граѓаните да бидат задоволни, особено поради поплаките за нарушување на јавниот ред и мир како пуштање на бучна музика од кафе баровите после полноќ, групирањето на млади на парковските површини, неносењето кациги на младите моторџии“- истакна Градоначалникот Коцевски.

Коцевски се заблагодари на министерот Спасовски и на министерството за финансии за брзото решавање на проблемот со недоволниот број на пожарникари во Територијалната противпожарна единица во Велес. Во оваа единица беа вработени само 17 пожарникари што е далеку од законски предвидениот минимум (1 пожарникар на 1500 жители).

Од овој месец се вработија десет, а во наредниот период период се очекува да се вработат уште десет нови пожаникари спасители техничари кои ќе се грижат за безбедноста на граѓаните од Велес и регионот кој е во нивна надлежност.

„Оваа средба е дел од концептот на министерството за внатрешни работи да остварува непосредни контакти со претставници од локалната управа но и со секторот за внатрешни работи. Имаме стабилна безбедносна состојба, намалување на криминалитетот и зголемување на откривачката дејност. Потребно е повеќе да се работи во делот на зачувувањето на јавниот ред и мир, особено на меѓусебните конфликти што ги имаат граѓаните на Велес на подрачјето на СВР Велес – рече министерот Спасовски.

Спасовски се осврна и на проблемот со собраќајот во градот. Ја истакна важноста и можноста за обновување на поинтензивна соработка меѓу локалната заедница и полицијата. Тој упати апел до граѓаните негуваат партнерски однос со полицијата, да соработуваат со неа, со цел подобро справување со предизвиците.

 Во овој контекст од страна на министерот беше споменато и одржувањето на референдумот за пристапување на Македонија кон ЕУ и НАТО на 30 септември. Спасовски ја извести јавноста дека се превземени сите подготовки за мирно одвивање на овој предреферендумски процес и ги истакна придобивките од членството во НАТО и ЕУ особено во поглед на безбедноста и стабилноста на државата. Информираше дека дневно се овозможуваат околу 250 илјади евра дневно во периодот на претпристапни преговори.

„Секој од нас треба да размисли за својата иднина и иднината на своите деца кога ќе ја донесе оваа значајна одлука на 30 септември“- кажа на самиот крај на прес конференцијата министерот Спасовски.

По средбата гостите се упатија кон централното градско подрачје каде остварија непосредни средби со граѓаните од Општина Велес.