Безвремената Дениција во срцето на Велес
„Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“. Овие вечни стихови на великанот на македонската лирична поезија и модерна литература, прозвучеа во нова светлина на денот кога Македонија одбележува 12 години без Петре М. Андреевски и 50 години од објавувањето на неговата безвремена „Дениција“.
На омажот на „Дениција“ што се одржа во Народната Библиотека „Гоце Делчев“, за оваа поетска збирка што го трогна светот и ја анимираше филолошката научна мисла говореа проф.д-р. Весна Мојсова Чепишовска и проф.д-р Кристина Николовска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Споредувајќи ја Дениција со библиската Песна над песните,проф.д-р Чепишовска ја нарече збирката на Петре М.Андреевски врв на македонската модерна литература.
За проф. д-р Николовска Дениција е вулкан на македонската современа литература. Таа упати благодарност до градоначалникот Аце Коцевски за иницијативата за одбележување на делото на Петре М. Андревски и Народната библиотека „Гоце Делчев“ за организацијата на настанот кој како што рече го прави Велес, град израз на македонската литература и култура. На настанот, стихови од збирката „Дениција“ интерпретираше поетот Игор Крајчев. Доајенот на македонската поезија Петре М. Андреевски“ е добитник на „Рациновото признание“ во два наврати, како и наградите „11 Октомври“„Браќа Миладиновци“, „Стале Попов“ и многу други. Пишуваше поезија, романи и филмски сценарија. Неговата Дениција е еден од најубавите литературни аманети што ги остави во наследство на македонскиот народ.