Велес активно се вклучи во Европската недела на спортот
Денес најмладите велешани ги открија тајните на фудбалот. Фудбалерите Тале Трајков и Ѓоре Ѓорѓиевски од фудбалскиот клуб „Борец“ на децата од детската градинка „Димче Мирчев“ им ги објаснија основните карактеристики на фудбалот како спортска игра.
Дечињата и вработените во градинката имаа можност и преку практични вежби да се запознаат со основните начини за загревање на спортистите пред натпреварите. Со тоа најмладите ги научија и вежбите за правилно загревање кои се особено важни за избегнување на евентуалните повреди.
Во хотелот Гарденија на работилницата за здрава храна, членовите на повеќе спортски клубови од Велес се запознаа со начинот на правилната исхрана и можните придобивки од користењето на органска и природна храна. Повеќекратниот државен првак во пливање, Стефан Стефановски ги запозна присутните со пливањето како спортска дисциплина и практично демонстираше вежби за правилниот начин на пливање.
Двата настани се во рамките на Европската недела за спорт од 23 до 30 септември 2018 година, која е во организација на Агенцијата за млади и спорт. Велес е една од петнаесетте општини кои активно се вклучија во овој проект. „Биди активен“ гласи мотото на оваа акција која европските земји ја практикуваат уште од 2015 година и која има за цел да го мотивира населението кон здрав начин на живот преку правилна исхрана, спорт и физички активности.