Честитка од градоначалникот Коцевски по повод Меѓународниот ден на Бошњаците

На прес конференција што се одржа на 28 септември годинава, градоначалникот Аце Коцевски упати честитка до сограѓаните од бошњачката заедница по повод Меѓународниот ден на Бошњаците. „Би сакал во мое име, во име на Советот на Општина Велес и во име на граѓаните на Велес, на припадниците од бошњачката заедница од земјава и од странство, особено на нашите сограѓани од Горно оризари и Црквино  да им го честитам големиот празник Меѓународниот ден на Бошњаците и да им посакам благосостојба и напредок во сите области од животот и големи успеси во негувањето на јазикот, културата и обичаите на бошњачката заедница во Република Македонија“, рече Коцевски.

Тој ја извести јавноста дека  по повод Меѓународниот ден на Бошњаците, Општина Велес заедно со училиштето „Рајко Жинзифов“, Агенцијата за остварување на правата на заедниците на Република Македонија и Организацијата на жени од Велес организира пригодни спортски и културни активности: спортски натпревари, изложба на фотографии од музејот „Алија Изетбеговиќ“ од Сараево, презентација на традициите на бошњачкиот народ и  настап на групи изведувачи на класична музика од Скопје. Настаните ќе се одржат денеска (28 септември 2018) со почеток во 16 часот во основното училиште „Рајко  Жинзифов“ во Горно оризари. Коцевски ги покани граѓаните да се придружат во Одбележувањето на празникот на пријателите од Бошњачката заедница.