Есен во Велес со Фестивал на пити и вино - Се враќа хуманитарниот карактер на настанот
Традицијата ќе продолжи. Велес и годинава ќе има фестивал на пити и вино кој ќе се одржи од 19 до 21 октомври. Ова на прес конференција го соопшти градоначалникот Коцевски кој апелираше до граѓаните да не наседнуваат на лажни профили што деновиве на мрежата Фејсбук шират дезинформации за учество на турбофолк ѕвезди. Напротив, како што соопшти Коцевски фестивалот годинава ќе се одржи во знакот на македонската музика и нашите музички ѕвезди со многу помалку средства во однос на минатата година. Коцевски ја соопшти програмата на Фестивалот на пити и вино кој годинава ќе се одржува на Ср’маале со штандови на улицата „8 Септември“:
Петок, 19 октомври, настапуваат:
- Виртус
- Боеми
- Баклава
- Ред Гарден,
- Анета и група Молика
- Некст Тајм
- Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд
Сабота, 20 октомври, настапуваат:
- Велешка Чалгија
- Нино Величковски со тамбурашки оркестар
- Оркестарот Агушеви со Џамбо Агушев
- Кристина Арнаудова
- Влатко Лозановски
- Бени Шакири со Нон Стоп
Во недела 21 октомври, посетителите ќе ги забавуваат
- Чалгија „Распеани велешани“
- Чалгија саунд систем
- Синтезис
- Ивона Јовановиќ
- Александра Јанева
- Слаткаристика
- Дарио
Како што соопшти градоначалникот сите овие настапи заедно ќе чинат 26.755 евра со персонален данок. За споредба минатата година Општина Велес само на Здравко Чолиќ му исплатила 49.889 евра. „Верувам дека ќе докажеме дека може да се направи успешна манифестација само со македонски пејачи “ рече Коцевски кој ги повика угостителите, пекарниците и винариите како и сите граѓани што волонтерски сакаат да помогнат да се вклучат во организацијата. Тој рече дека ќе се заштедат и средства за сцена, озвучување и осветлување и годинава за првпат ќе се користат современите технички ресурси и сцената со која располага народниот театар „ЈХК-Џинот“. Годинава се враќа и хуманитарниот карактер по кој манифестацијата е препознатлива во Македонија, а дополнително ќе се одлучува за собирањето на средствата и нивната соодветна намена. Во текот на фестивалот ќе има можност да настапат сите фолклорни друштва, балетски групи и музичари од Велес кои имаат желба да се презентираат пред своите сограѓани.
Сите граѓани кои сакаат волонтерски да помогнат за организација на Фестивалот на пити и вино, можат да се јават кај одговорното лице во Општина Велес, Александра Петрушевска, на телефонот: 071 427 296