Фестивал на пити и вино во знакот на хуманоста
Градоначалникот Аце Коцевски денеска на прес конференција ја презентираше програмата на претстојниот фестивал на пити и вино што ќе се одржи од 19 до 20 октомври. „Решивме во рамките на скромниот буџет да ја организираме манифестацијата со домашни музички ѕвезди и да покажеме дека не мора секогаш да се трошат огромни средства за странски изведувачи.
На овој начин верувам дека ќе направиме убава домашна атмосфера во Велес и ќе покажеме дека и со сопствени сили умееме и знаеме да направиме успешна манифестација со која ќе ги промовираме нашите традиции, нашата култура и нашата македонска музика“. Како што најави Коцевски годинава фестивалот во целост ќе има хуманитарен карактер. „ Собраните средства ќе се искористат за хумани цели за помош на 14 годишниот Кристијан Андреев на кого најитно му е потребна нашата помош и кој треба да замине на операција во Турција.
Кутии за донации ќе бидат поставени на сите штандови на компаниите кои сакаат да учествуваат во акцијата. И јас како Градоначалник ќе ја искористам можноста од буџетските средства, од ставката тековни резерви да обезбедам 50.000 денари колку што максимално ми дозволува законот помош за Кристијан. Апелирам до сите граѓани и посетители во рамките на своите можности да се вклучат во акцијата“. На фестивалот пити и вино ќе понудат компаниите „Жито Вардар“,„Баже пити“, „Тиквеш“, „Стоби“, Клуб „Милениум“, „Кожувчанка“ со „Аркадија“, „Шато Сопот“, „Стара Деспина“ и „Пица тајм“.
Во три дена на фестивалската сцена ќе се претстават изведувачи и групи од Велес и Македонија. Фестивалот ќе опфати и велосипедска тура со 400 учесници, хуманитарен саем на рачни изработки и промоција на велешкото ѓозлеме. Средствата од продажбата исто така се наменети за помош на Кристијан. На прес конференцијата Коцевски упати благодарност до сите спонзори и медиумски покровители на фестивалот. „Ве поканувам да бидете дел од Фестивалот на велешки пити и вино и заедно да ја презентираме нашата традиција, култура и хуманост“ рече тој во пораката до граѓаните и изрази надеж дека Велес ќе постави нови стандарди во организирањето на ваков вид манифестации во Македонија.