Пеливаните ќе се соочат во Велес
Во организација на Федерацијата на пеливанско борење на Република Македонија и Општина Велес и пеливанскиот клуб „Пеливан“ од Велес како технички организатор, традиционално по 12 пат ќе се реализира спортската манифестација Турнир во борење со пеливани. Ова денеска на прес конференција го соопшти градоначалникот Аце Коцевски.
„Настанот го организираме во недела, 21 октомври, со почеток во 13 часот, на помошното игралиште во Градскиот парк. За првпат годинава традиционалниот турнир наместо во Бузалково ќе се организира во Велес со амбиции да прерасне во меѓународен“, рече Коцевски. Како што напомена градоначалникот во Бузалково теренот не овозможува услови за организација на меѓународни натпревари во иднина и затоа годинава турнирот се организира во Велес.
Ќе учествуваат 30 пеливани од Македонија. Општина Велес обезбеди поддршка во висина од 80.000 денари. Останатите средства, исто така околу 80.000 денари ги обезбедува Федерацијата за пеливанско борење.