Најмладите го отворија Фестивалот на велешка пита и вино 2018
Со позитивни пораки за љубов, сплотеност мир и хуманост, најмалечките велешани од детската градинка „Димче Мирчев“ денеска го отворија Фестивалот на велешка пита и вино. Со игра и песна децата ги пуштија кон небото балоните со хумани пораки и желби за брзо закрепнување на нивниот млад сограѓанин Кристијан Андреев.
Фестивалот во знакот на хуманоста и пораката „Сите за Кристијан“ ќе го исполни претстојниот викенд со музика, пити, вино и дружење во центарот на Велес. На сцената ќе настапат звезди од македонската народна и поп музика. Како што денеска изјави градоначалникот Аце Коцевски за телевизиите „24“ и „Телма“, наместо кичот, шундот и турбо фолкот фестивалот во Велес ќе ја промовира македонската музика и култура и ќе постави нови стандарди во организирањето на овој вид манифестации во Македонија.
Во рамките на фестивалот денеска беше отворен и хуманитарен саем на ракотворби на занаетчии и здруженија на граѓани. Кутии за донации за Кристијан се поставени на сите штандови за да можат посетителите да придонесат во хуманитарната акција. Фестивалот на пити и вино 2018 го организира Општина Велес со поддршка на локални компании.