Турнир во пеливанско борење за прв пат во Велес

Во организација на Федерацијата на пеливанско борење на Република Македонија, Општина Велес и Пеливанскиот клуб „Пеливан" од Велес како технички организатор, денес во Младинскиот парк во Велес се одржа 12.Турнир во борење со пеливани.

Пеливанството како боречки спорт има долга традиција во велешкиот регион. Досега овој турнир се одржуваше во с. Бузалково, но поради непостоењето на соодветен терен, беше донесена одлуката оваа година овој настан да се одржи во Велес.

Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски во своето обраќање ја поздрави идејата за организирање на пеливанските борби и го најави новиот терен во село Бузалково, кој ќе биде наменет за пеливаните.

Во Велес допатуваа и најдобрите пеливани од Чашка, Скопје, Кичево, Прилеп и Штип. Казир Камбери беше прогласен за надобар пеливан, а Дејан Митров беше награден за најдобра борба на турнирот.

Општина Велес и во иднина ќе се залага за подобрување на условите за развој на овој традиционален боречки спорт. Турнирите од овој тип претставуваат автентични настани, затоа што поседуваат и многу елементи со културолошка заднина.

Преку овој спорт се негува еден посебен третман во однос на телото, посебен режим на исхрана, секојдневни вежби кои придонесуваат кон подобро здравје на борачите-пеливани.