Велес слави 74 години слобода

По повод 9. Ноември, Денот на Општина Велес, градоначалникот Аце Коцевски денеска традиционално организираше прием за делегација на Општинската Организација на Сојузот на борците.

На приемот, во името на сите граѓани Коцевски им упати благодарност за нивниот голем придонес за слободата што им ја донесоа на граѓаните на Велес. По повод големиот празник, делегации на Општина Велес, Општинската организација на Сојузот на борците, Армијата на Република Македонија, Општините Ужице и Сомбор – Република Србија, институции, политички партии и здруженија на граѓани, положија цвеќе на Спомен-костурницата и им оддадоа почит на хероите што го положија животот за Велес и Македонија.

Букети цвеќе беа положени и пред бистите на Димче Мирчев и Благој Страчковски кои Општина Велес неодамна ги врати онаму каде што припаѓаат, во срцето на Велес, во Младинскиот парк. Обајцата херои се бореа во партизанскиот одред „Димитар Влахов“ и обајцата маченички загинаа за слободата на граѓаните на Велес и Македонија.