Претстојниот викенд ќе биде посветен на пошумување

Општина Велес организира граѓанска акција за пошумување која ќе се реализира во сабота, 8 декември годинава, на локалитетот Вршник, на површина од 3 хектари, со засадување на 5.500 садници од багрем.

Во акцијата ќе земат учество: вработените во Општина Велес, јавните претпријатија и други општински институции како и здруженија на граѓани предводени од Здружението „Акцијаш”. Акцијата ја најави градоначалникот Аце Коцевски кој ја извести јавноста дека Општина Велес обезбеди организиран превоз. Автобусите ќе поаѓаат во 8.30 часот на улицата „Гоце Делчев“ спроти Основниот суд. Зборно место за учесниците кои ќе дојдат пеш или со сопствен превоз е во близина на фабриката за вода, во 09.00 часот.

„Првенствено општината планираше да се пошумува на локалитетот Св. Илија, но заради актуелните случувања и борбата на општината за правото на здрав живот за жителите на населбите Превалец и Тунел, акцијата се пренасочува на локалитетот Вршник“, рече градоначалникот.

На новинарско прашање во врска со изборот на денот на акцијата 8-ми декември кога е празникот „Св. Климент Охридски“,Коцевски нагласи дека е добро што акцијата ќе се одвива во неработен ден. „Не е добро како што беше акцијата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“, работни денови да прогласуваме за неработни и да ја лажеме јавноста и самите себеси дека нешто правиме, а нема никакво фајде од тоа пошумување. Ние сакаме тоа што ќе го направиме да биде не на толку големи територии, но да биде квалитетно засадено“ рече Коцевски кој нагласи дека на претстојната акција ученици нема да учествуваат.

Градоначалникот ги повика граѓаните да се вклучат во акцијата. Покрај обезбедување зелен појас за граѓаните кои страдаат од фабриката „Техно Павер“, целта на акцијата е да се продолжи со озеленување на голините на Велес и да се обезбедат подобри услови за живот на граѓаните на Велес.