Ризичниот мост кај Башино село ќе се решава на национално ниво

На новинарско прашање во врска со состојбите со мостот во Башино село, на денешната прес конференција градоначалникот Аце Коцевски информираше за мерките што се преземаат.

„Работите одат во добар правец, бев поканет на седницата на Комисијата за економски систем на Владата на Република Македонија. Таму заклучија дека Општина Велес не може да биде барател за прекатегоризација на тој дел од патот од локален во регионален, туку дека барањето треба да произлезе од Министерството за транспорт и врски како единствено законски надлежно за прекатегоризација на патиштата“.

Коцевски информираше дека веќе разговарал со Министерот и со Вицепремиерот задолжен за економски прашања и дека очекува во најскоро време предлогот да се најде на седница на Комисијата за економски систем и Владата да донесе одлука за прекатегоризација на патот. Општина Велес како што рече градоначалникот бара да се изврши прекатегоризација на патот, владата да издвои средства за санирање на мостовскаата конструкција, а ќе се бара и издвојување на дополнителни средства за изградба на нов мост за поврзување на населбата Речани со градот Велес.