Адаптирани 2 тоалети за учениците со ограничена мобилност во ООУ„Васил Главинов“
Во тек се завршните работи од проектот за адаптација на две простории за тоалети за ученици од предметната настава кои имаат ограничена мобилност. Тоалетите се наоѓаат на првиот и вториот кат во десното крило на училишната зградата и се комплетно функционални и приспособени кон потребите на оваа група ученици.
Во училиштето се заменија и постоечките 15 дрвени врати, кои беа оставени на забот на времето со нова пвц столарија. Новите врати се значително пошироки, со што се обезбедува полесна пристапност на оваа група на ученици. Вредноста на зафатот изнесува околу 470.000 денари, а работите ги изведува ГД „Изгрев инженеринг“ од Велес .
Во моментов во ООУ „Васил Главинов“ постојат околу 15 ученици со церебрална парализа, аутизам, забавен психомоторен развој, селективен мутизам и интелектуална попреченост, оштетен вид и сл.
Општина Велес како инклузивна општина ќе продолжи да работи и понатаму во насока на подобрувањето на условите за овие ученици, со што значително ќе се олесни пристапот кон образованието, но и ќе се подобри квалитетот на живот на оваа ранлива група на граѓани.
Учениците кои се вклучени во инклузивниот процес имаат право на подеднаква партиципација и интеракција во училиштето. Инклузијата во образованието подразбира целосно прилагодување на образовниот систем кон учениците, а не на учениците со посебни потреби кон образовниот систем.