Формирана коалиција за иднината на Велес

Граѓанските организации со силна поддршка за визијата за развојот на Велес како паметен град и град со план за одржлива урбана мобилност.

На денешната средба на граѓанскиот локален совет во проширен состав на која присуствуваа 30-на претставници на граѓанските организации членки на Зелената коалиција, здруженија на граѓани кои работат во области од јавен интерес и претставници на администрацијата, градоначалникот Аце Коцевски ги презентираше концептите на одржлива урбана мобилност и развој на паметен град.

Тој ги пренесе искуствата од  Малме, Виена, Љубљана и Загреб. Зонско паркирање, развој на велосипедски патеки, поттикнување на велосипедизмот и пешачењето, намалување на возилата во централното градско подрачје, воведување на пешачки зони, решавање на проблемите со гаражирањето, поттикнување и развој  на еколошки јавен превоз со електрични возила и воведени линии до највисоките зони на градот, намалување на загадувањето се елементите на двете стратегии клучни за иднината на Велес. „Велес треба да биде добар за нашите деца“, рече Коцевски кој нагласи дека додека во Европа и светот овие стратегии се водечки во развојот на градовите, за жал во Македонија сеуште не се применуваат. „Велес може да биде пионер во овие области“, нагласи  градоначалникот.

Претставниците на здруженијата на граѓани дадоа свои креативни идеи и изразија силна поддршка за визијата за развојот на Велес во која ќе се вклучат преку заеднички активности и проекти. Како приоритетни беа утврдени активностите за едукација и јакнење на свеста на граѓаните за еколошките навики во сообраќајот.