Соработка за развој на туризмот
На 23 јануари годинава, градоначалникот Аце Коцевски оствари средба со Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија и претставници на агенцијата. Воспоставувањето на соработка на релација централно –локално ниво и заедничките активности за искористување на туристичките потенцијали можат во голема мера да ја придвижат локалната економија, беше констатирано на средбата.
Како што рече градоначалникот Коцевски, Велес може да биде најзначајната транзитна туристичка дестинација во Македонија поради близината на автопатот Е75 низ кој поминуваат милиони туристи. Тој нагласи дека во таа функција Велес веќе обезбеди над 1 милион евра од Европската Унија , преку ЛРЦП Програмата на Светска Банка за реализација на проектот „Смарт Езеро Младост“.
Како што најави Љупчо Јаневски, покрај прва смарт дестинација се планира Велес да биде и првата еко туристичка дестинација во Македонија преку максимално искористување на потенцијалите за еколошки туризам на езерото Младост. На средбата стана збор и за тековните и планираните проекти со партнерите на Велес од Република Франција и беа разгледани можностите за финансиска поддршка на активностите.
Според најавите соработката во наредниот период ќе се интензивира во реализацијата на активности, проекти, категоризација на сместувачки и угостителски капацитети и развој на еко-кампови.